Наредената недела или поточно на 11 март би требало да почне собраниската седница на која на дневен ред ќе бидат интерпелациите за петтмината членови на Судскиот совет. За ова, како што за МИА потврдуваат од владејачкото мнозинство, меѓу другото било разговарано на денешната понеделничка редовна средба на претседателот на Собранието Африм Гаши со координаторите на пратеничките групи.
На собраниската веб – страна седницата се уште не е закажана. Интерпелациите ги поднесе владејачкото мнозинство со потписи од 67 пратеници.
Се однесуваат на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието и тоа Весна Дамева, Тања Чачарова Илиевска, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа и Селим Адеми.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на петочната средба со новинарите кажа дека седницата ќе биде во првата половина на март, како и дека сите членови на Судскиот совет одговорите на интерпелациите ги доставиле до Собранието.






