Францускиот претседател, Емануел Макрон, ја повика Европа да „повторно го открие вкусот за ризик, амбиција и моќ“ и да се ослободи од зависноста од САД, јави францускиот информативен канал BFM TV на 28 февруари.
Неговите изјави доаѓаат во период на значајни геополитички промени, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп ја менува долгогодишната политика на САД во однос на Украина и Русија, создавајќи сомнежи за неговата посветеност на трансатлантската безбедност.
Во текот на неговата дводневна посета на Португалија, Макрон истакна дека Европа треба да биде „пообединета и посилна од кога било“ и да преземе активни чекори во областите на технологија, индустрија и одбрана. Тој ги коментираше ставовите на некои европски лидери кои сметаат дека Европа треба да остане во добри односи со САД, со изразена забелешка: „Гледам многу луѓе во Европа кои велат: ‘Ќе мораме да бидеме добри со Американците, тоа ќе помине, треба да го свиткаме грбот'”. Но, според Макрон, „поднесувањето не е одговор“, нагласувајќи дека Европа не треба да се доведе во позиција на „среќен вазал“.
Овие коментари следуваат по дебатите во Европа за зголемување на трошоците за одбрана, во напори да се зајакнат и европските одбранбени капацитети и оние на Украина. Макроновата посета на Португалија се случи по неговото патување во Вашингтон, каде што се обиде да го убеди Трамп да ја засили посветеноста на безбедносните гаранции за Украина. Сепак, францускиот претседател наводно не добил јасни заложби од Трамп, а неименуван претставник на ЕУ го опишал патувањето како „губење време“.
Ставовите на Макрон во врска со автономијата на Европа не се нови. Тој долго време ја повикува Европа да ја развие својата стратешка независност и да ја намали зависноста од САД. Со оглед на тоа што поддршката на САД за Украина против руската агресија станува сѐ понесигурна, Макрон и британскиот премиер, Кири Стармер, кој по Макрон ја посети Белата куќа, ја предводат идејата за распоредување европски мировници во Украина со цел да се следи можниот прекин на огнот.







