Неименуван извор од Белата куќа за весникот Њујорк Тајмс изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп размислува да ја укине помошта за Украина.
Според изворот, оваа одлука може да се донесе по прекинатата средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, при што Трамп би можел да ја стопира целата американска помош за Украина, вклучително и испораката на муниција и опрема што беа одобрени и платени за време на мандатот на поранешниот претседател Џо Бајден.
Исто така, Трамп би можел да ја прекине и индиректната помош за Украина, што вклучува различни форми на воено финансирање, размена на разузнавачки информации, обука на украински војници и пилоти, како и формирање на меѓународен центар за управување со помошта во американската воена база во Германија.
Според податоците од Киел институтот, европските држави досега и доделиле на Украина помош во вредност од 138 милијарди долари, додека американската воена и хуманитарна помош изнесува 119 милијарди долари.
По расправијата со Зеленски, Трамп изјави дека украинскиот претседател не ги почитува САД и дека не е подготвен за мир.
Зеленски, по напуштањето на средбата, во интервју за Фокс Њуз изјави дека го почитува Трамп, но дека не смета дека треба да му се извини. „Го почитувам претседателот и американскиот народ, но мислам дека мора да бидеме отворени и искрени. Не сум сигурен дека направивме нешто погрешно“, истакна Зеленски.
Тој додаде дека Трамп не е во право кога тврди дека не сака да потпише договор со рускиот претседател Владимир Путин, но предупреди дека Украина треба да биде во посилна позиција за да се справи со Русија.
Според Зеленски, без американска поддршка, Украина ќе има тешкотии да се спротивстави на Русија, но изрази уверување дека неговиот однос со Трамп може да се спаси.
По прекинатата средба, Трамп ја исклучи можноста за брзо продолжување на разговорите со Зеленски, тврдејќи дека украинскиот претседател не сака мир. „Тој вели дека го сака мирот сега. Сака веднаш да се врати, но јас не можам да го направам тоа“, изјави Трамп.
Договорот за експлоатација на украинските минерални ресурси, според кој приходите од минералите ќе бидат депонирани во заеднички американско-украински фонд и Украина ќе добие безбедносни гаранции од САД, не беше потпишан по прекинатата средба.






