Непозната болест во северозападниот дел на Конго усмрти повеќе од 50 луѓе, потврдија лекарите на терен и Светската здравствена организација (СЗО).
Се наведува дека интервалот помеѓу почетокот на симптомите и смртта во повеќето случаи бил само 48 часа, што предизвикува сериозна загриженост, изјави Серж Нгалебато, директор на болницата „Бикоро“, која служи како регионален центар за следење болести.
Избувнувањето на оваа болест во Конго започнало на 21 јануари, а до сега се регистрирани 419 случаи, вклучително и 53 смртни случаи. Според податоците на одделот за Африка при СЗО, првиот случај бил пријавен во населбата Болоко, каде три деца починале 48 часа по развивање на симптоми на треска, откако изеле лилјак.
СЗО ја нагласи загрижувачката тенденција во Африка, каде бројот на вакви епидемии се зголемил за повеќе од 60% во последната деценија.
По второто избивање на болеста во населбата Бомате на 9 февруари, примероци од 13 случаи биле испратени на тестирање во Националниот институт за биомедицински истражувања во Киншаса. Сите примероци биле негативни за ебола и други познати хеморагични трески како Марбург, а некои од примероците покажале присуство на маларија.
Минатата година, слична непозната болест предизвика смрт на десетици лица во друг дел на Конго, за која се сомнева дека најверојатно била маларија.






