Поранешниот шпански репрезентативец, Џерард Пике, има идеја како да се направат натпревари уште поатрактивни за навивачите, и таа не звучи воопшто лошо.
Поранешниот фудбалер на Барселона во подкастот кај Икер Касиљас изнел предлог дека тимовите кои ќе одиграат натпревар без голови, треба да останат без бодови. Според него, тоа би било казна за таквиот пристап.
Тој додал дека му е апсурдно што навивачите трошат стотици евра за да присуствуваат на натпревар, а потоа да гледаат два тима кои не даваат голови.
Токму поради ова, тој мисли дека таков резултат треба соодветно да биде “награден” – со нула бодови за двајцата тимови.
„Не е фер да потрошиш 100, 200 или 300 евра за билет, а натпреварот да заврши 0:0. Нешто треба да се промени. Една од идеите е ако натпреварот заврши без голови, ниту еден тим да не добие бод. Тоа сигурно би влијаело да натпреварот биде отворен барем 70 минути“, смета Пике.
Бидејќи во фудбалот последниве години се воведуваат нови правила и се очекуваат нови за да се зголеми атрактивноста на самата игра, не би било изненадувачки ако еден ден предлогот на Пике биде разгледан и воведен во фудбалот.






