Романската полиција го приведе Калин Ѓорѓеску, екстремно десничарски политичар и популист, под сомнение дека учествувал во измама за време на првиот круг од претседателските избори минатата година.
Полицијата во Букурешт го запрела автомобилот во кој се наоѓал Ѓорѓеску и го одвела на сослушување. Според неговите поддржувачи, тој планирал повторно да се кандидира за претседател на новите избори што треба да се одржат во мај, по поништениот резултат од вториот изборен круг во декември 2024 година од страна на Уставниот суд на Романија.
Две екстремно десничарски партии веќе објавија дека ќе ги мобилизираат своите гласачи да се соберат пред обвинителството, каде Ѓорѓеску беше одведен на распит. За да се спречи можни инциденти, полицијата постави заштитни бариери околу зградата, додека голем број луѓе се собираат на протест.
Обвинителството има серија обвиненија против Ѓорѓеску, вклучувајќи дела против уставниот поредок и членство во екстремистичка организација.
Популистичката опозициска партија претходно покрена гласање за недоверба кон романската влада, која се смета за проевропска. Романскиот претседател во заминување, Клаус Јоханис, поднесе оставка во февруари, пред да започне гласањето за негов импичмент по поништувањето на декемвриските избори. Јоханис реши да остане на функцијата до изборот на неговиот наследник во мај.
Пред првиот круг од изборите, Јоханис презентираше разузнавачки информации кои откриваат дека се создадени стотици фалсификувани сметки на TikTok кои го поддржуваат Ѓорѓеску, наводно со поддршка од руската разузнавачка служба. Регистрирани се и хакерски напади и други форми на саботажа. Опозициските политичари го обвинија Јоханис за недемократски потези, додека тимот на Ѓорѓеску ги повтори обвинувањата против обвинителите.






