Во синоќешниот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ Зборува“ гостуваше директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски, кој најави амбициозен план за модернизација на железничкиот сообраќај во Македонија.
Тој истакна дека изминатите осум години инфраструктурата била занемарена, но новото раководство веќе работи на обновување и подобрување на железничките линии. Ивановски потенцираше дека дел од возовите не биле во функција поради тоа што немале тркала, што е резултат на долгогодишен институционален немар.
Но, сега Владата има јасна визија – до 2032 година, Македонија ќе има брз воз кој ќе овозможи патување од Скопје до Солун за неполни два часа и до Белград за нешто повеќе од два часа. Новите возови ќе достигнуваат брзина од 200 км/ч за патнички и 120 км/ч за товарен сообраќај.
„За жал, за осум месеци не може да се исправи сè што било запоставено осум години, но нема оправдувања – работиме напорно за да ја вратиме железницата во функција и да го поврземе регионот“, изјави Ивановски.
Со оваа модернизација, железничкиот транспорт ќе стане побрз, поекономичен и поеколошки, а Македонија конечно ќе биде дел од модерните железнички коридори во Европа.






