Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека војската е подготвена да продолжи со борбите во секој момент во Појасот Газа, каде што е на сила кревкиот прекин на огнот веќе повеќе од еден месец.
„Подготвени сме да продолжиме со интензивните борби во секое време, нашите оперативни планови се подготвени“, изјави Нетанјаху пред новата класа офицери во Израел.
Тој додаде дека Израел „го елиминирал најголемиот дел од организираните сили на Хамас“ во Газа и дека целите на војната ќе бидат постигнати, било преку преговори или други средства.
Прекинот на огнот стапи на сила на 19 јануари, по повеќе од 15 месеци војна која беше предизвикана од нападот на палестинското исламистичко движење Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и која го опустоши Појасот Газа.
Првата фаза од договорот за прекин на огнот, кој опфаќа три фази до конечен крај на војната, треба да заврши на 1-ви март.







