На 21.02.2025 во 13:00 часот, 56-годишна жена од Пробиштип пријавила измама во ОВР Пробиштип, каде што било посочено дека била измамена за сума од 1.434.000 денари.
Според нејзиното пријавување, во почетокот на јануари 2025 година, едно лице ја контактирало телефонски и ѝ соопштило дека потекнува од Штип, живее во Велика Британија и дека во неговата агенција стигнал документ кој потврдува дека таа е наследник на 590.000 евра, кои се во криптовалути. За да ги добие средствата, ѝ било речено дека треба да плати одредена сума.
Како што се наведува во пријавата, лицето ја убедило да инсталира неколку апликации на мобилниот телефон и да подигне кредит од 250.000 денари од финансиско друштво. Потоа, тој ги подигнал средствата преку една од апликациите со која имал контрола над нејзиниот телефон.
Во почетокот на февруари, жената извадила извод од банка и открила дека без нејзино знаење и согласност, преку електронско аплицирање биле подигнати два кредити од банката во вкупен износ од 1.184.000 денари.
Моментално се преземаат мерки за расчистување на случајот.







