Вакцината против Ковид 19, ќе можат да ја примат сите граѓани и ризични групи на пациенти кои во моментот се во добра општа здравствена состојба, но големо внимание ќе мора да се обрне кај оние граѓани кои го прележале вирусот, а кои се уште се во фаза на оздравување или имаат последици од него.
„Тоа е систем на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација кој што овозможува како што ќе доаѓаат вакцините од различни производители еднакво да бидат дистрибуирани кон сите земји коишто аплицирале на тој механизам. Сите земји од регионот и Европа аплицираа во тој механизам и тоа е едниот начин за пристап до вакцината. Еве последните информации се дека во крајните фази од истражување е т.н оксфордска вакцина на компанијата Астра Зеника. Ние аплициравме преку Ковакс механизмот, како и сите други земји во регионот за вакцини за 20 посто од населението. Тоа се 800.000 дози, заради тоа што ќе треба по две дози, една и после неколку недели уште еднаш согласно сегашните сознанија за развој на антителата. Како сега стојат сознанија во однос на напредокот, очекувањата се дека вакцината ќе биде достапна на почетокот на следната година. Имаме понуда и од уште две европски земји кои потпишаа и билатерален договор со компанијата, само земји членки на ЕУ. Полска ни пристапи и ни понуди да одредена количина ни препродадат од нивната. И премиерот Мицотакис на премиерот Заев исто така му укажал дека ќе може да сметаме и на одредена количина и од Грција. Очекувањата се дека ќе биде во првите неколку месеци од следната 2021 година“, потенцираше Филипче и објасни дека вакцината нема да биде задолжителна бидејќи не е влезена во календар, но ќе има силна препорака.
Вакцината, заеднички развиена од германската компанија БиоНТек и американската фирма Фајзер е докажано дека е 90% ефикасна во спречување на инфекции со Ковид-19, според испитувањата во третата фаза.
Ова е прва информација за успешноста на испитување кое што е дел од голема лепеза на тестирања во тек за пронаоѓање на вакцина за коронавирус. Според извештаите, двете компании не наишле на сериозна загриженост за безбедноста поврзана со вакцината. Истражувачите веруваат дека ефектите на имунизација нема да траат кратко. Доколку тоа се докаже, оваа вакцина ќе биде чекор напред во борбата против пандемијата на коронавирусот.







