Василија Петрова, фолк-пејачка од Ќустендил што гради музичка кариера во Македонија, предизвика вознемиреност во Бугарија со своето идентификување како Македонка.
„Наша пејачка, учесничка во ‘Гласот на Бугарија’, се изјасни како Македонка, пее за радикална партија“, е насловот на напис за Петрова на бугарската вебстраницата „Сигнал“, во кој „бабарогата“ е ВМРО-ДПМНЕ.
„Бугарската фолкерка и учесничка во ‘Гласот на Бугарија’, Василија Петрова, се одрече од потеклото и се изјасни како Македонка. Уметничката сè повеќе време поминува кај нашиот западен сосед, каде настапува како артист од крајно радикалната ВМРО. Партијата е позната по тоа што е против вклучување на Бугарите во Уставот на земјата.
Василиа дури и го смени пишувањето на своето име на сите социјални мрежи со Василија, а плакати со логото на партијата на Мицкоски ги преплавија нејзините профили. Нејзините домашни обожаватели кај нас се збунети и од постојаната пропаганда што ја наметнува младата девојка – завиткувањето во знамето на Северна Македонија, па дури и зборувањето во интервјуа“, пишува „Сигнал“.

„Потсетуваме, Василија е родум од Ќустендил и учествувала на голем број престижни натпревари во пеење, меѓу кои и ‘Пирин фолк’, кој ѝ даде поголем простор за настап. Токму со нејзиното учество на овој форум, изведувачката освои голем број награди.
Познавачите на целата ситуација ја објаснуваат катарзата на Василија со неуспехот што го претрпе како дел од голема музичка компанија, како и нејзиното отпаѓање од ‘Гласот на Бугарија’ по вокалниот дуел со Петја Панева. Недостигот од доволно учество и неможноста да се здобие со голема популарност ја натерало да ја направи оваа радикална промена“, се додава во написот.
„Блиските на пејачката тврдат дека таа е во интимна врска со еден од лидерите на македонската ВМРО и прашање на време е кога ќе земе странско државјанство. А дали е навистина така, самата пејачка до сега не коментирала.
При разгледувањето на репертоарот на Василија Петрова може да се видат песни како ‘Славеј бугарски’ и ‘Дете на Пирин’. Интересен факт е што овие видеа отсуствуваат од нејзината официјална страница на Јутјуб. На нејзините профили на социјалните мрежи таа главно пишува со воспоставената јазична норма во Северна Македонија“, забележува „Сигнал“, а за ова известуваат и други медиуми кај источниот сосед.
Пошироката македонска јавност ја запозна Петрова преку нејзиниот настап во емисијата „Мерак меана“ на Сител ТВ и впечатливата интерпретација на хитот „Со Господ напред“ на Војо Стојановски, со кој ја освои првата награда од публиката на фестивалот на македонската патриотска песна „Гоце фест 2004“:






