Општина Битола објави јавен повик за избор на оператор кој ќе ја обезбеди услугата „Итно копче“ – нов систем за итна помош достапен 24 часа дневно.
Услугата е наменета за лица кои имаат потреба од брз пристап до помош во итни ситуации. Со едноставно притискање на копче на специјален аларм-уред, корисниците ќе воспостават директен контакт со оператор од контакт центарот на „Итно копче“.
Операторот ќе ја процени состојбата и ќе даде соодветни насоки за постапување, а доколку е потребно, ќе испрати тим за прва помош во домот на корисникот. Во случај на посериозна состојба, ќе се организира транспорт до најблиската здравствена установа.
Со воведувањето на оваа услуга, Општина Битола прави значаен чекор кон зголемување на безбедноста и грижата за граѓаните, особено за оние кои живеат сами или имаат здравствени ризици.






