Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, оствари средба со Кристина Николовска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ. На средбата се разговараше за улогата на Семинарот во промоцијата на македонскиот јазик во светот, како и за предизвиците со кои се соочуваат лекторатите и катедрите за македонистика.
Сиљановска-Давкова беше информирана за неодамна одржаната Петта зимска школа на Семинарот и за подготовките за традиционалната Летна школа во Охрид. Претседателката ја истакна важноста на стратешкиот пристап во поддршката на македонистиката, нагласувајќи дека е неопходно соодветно финансирање за лекторите и професорите кои го пренесуваат македонскиот јазик надвор од земјата.
Таа го поздрави формирањето на Координативното тело за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик и потсети дека оваа година се навршуваат 100 години од издавањето на грчко-македонскиот буквар „АБЕЦЕДАР“ во Атина, наменет за македонските деца.
Сиљановска-Давкова ја истакна подготвеноста на институциите да работат на зајакнување на меѓународната позиција на македонскиот јазик и да ја поддржат неговата промоција низ светот.







