Министерството за локална самоуправа ја препозна иницијативата на ЗЕЛС за воведување механизам за отповикување на градоначалниците, што претставува значаен чекор кон поголема одговорност и отчетност на локалната власт.
Градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денес присуствуваше на четвртиот консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа, каде со министерот за локална самоуправа, претставници од Министерството, градоначалници, експерти, УНДП и граѓанскиот сектор се дискутираше за неопходните реформи.

„Не смее да има недопирливи функционери. Градоначалниците се единствените во државата кои не можат да бидат отповикани, а тоа мора да се промени. Вистинската моќ треба да биде во рацете на граѓаните,“ изјави Ѓорѓиевски.

Тој потенцираше дека оваа иницијатива, покрената од ЗЕЛС пред година и половина, има за цел да ја направи локалната власт поефикасна и одговорна. Дополнително, се разгледува можноста за воведување сличен механизам и за советниците.
„Ова е вистинска можност да се врати силата кај граѓаните и да се обезбеди дека избраните функционери ќе работат во нивен интерес. Убеден сум дека од овие дискусии ќе произлезат квалитетни предлози кои на долг рок ќе донесат подобрувања,“ додаде Ѓорѓиевски.
Тој ја поздрави поддршката од Министерството за локална самоуправа и изрази надеж дека сите заеднички ќе придонесат кон правично и ефикасно законско решение кое ќе обезбеди поголема одговорност на локалните власти.






