Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орге Ѓорѓиевски, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, спроведоа заедничка превентивна акција низ централното градско подрачје и Кисела Вода.
Акцијата доаѓа непосредно по едногласното усвојување на иницијативата поднесена од Општина Центар, која предвидува меѓуинституционална соработка и воведување на општокорисна работа како мерка за малолетни сторители на вандализам.

„Нашата цел е да испратиме јасна порака за важноста на превенцијата во борбата против малолетничката деликвенција. Преку координација меѓу локалната самоуправа, МВР и останатите надлежни институции, можеме да креираме ефикасни механизми за заштита на јавниот ред и мир,“ истакна Ѓорѓиевски.

Претходно, во полициската станица во Центар беше одржан координативен состанок за дефинирање на следните чекори во спроведувањето на иницијативата.

Во следниот период, најавени се нови активности за зголемување на безбедноста на младите и создавање подобра средина за сите граѓани.







