Глобалното ниво на морскиот мраз достигна рекордно ниско ниво.
Според податоците од сателитите, океаните, кои имаат клучна улога во одржувањето на температурата на планетата, моментално имаат најмалку мраз откако научниците започнале да ги бележат овие податоци.
Мразот околу северниот и јужниот пол делува како големо огледало, рефлектирајќи голем дел од Сончевата енергија назад во вселената, но поради порастот на температурите, таа светла површина е се помала, што му овозможува на потемниот односно подлабокиот дел од океанот да апсорбира повеќе топлина, со што се зголемува температурата на планетата.
Новото рекордно ниско ниво на морскиот мраз е забележано помеѓу 8. и 13. февруари, кога вкупната површина на морски мраз во Арктикот и Антарктикот изнесувала 15,76 милиони километри квадратни.
Оваа бројка е под претходното рекордно ниско ниво забележано во јануари и февруари 2023. година, кога овој број изнесуваше 15,93 милиони километри квадратни.
На Арктикот, морскиот мраз е моментално на најмалата забележана површина за овој период од годината, додека на Антарктикот е регистрирано ниво приближно на новиот минимум, според податоците на сателитите кои орбитираат во вселената уште од 1970. година.







