Македонците во Бугарија сметаат дека причина за барањето на премиерот Борисов земјава да се откаже од македонското малцинство се 14-те пресуди на судот во Стразбур.
„Многу ми е чудно премиер на држава да каже дека не знае од каде пристигнало барањето за постоење на македонско малцинство во Бугарија. Тоа тој го зборува на странските колеги дека Македонци во Бугарија нема, а тоа дека е осудена 14 пати не е ништо“, вели Иван Сингартијски, ОМО Илинден Пирин.
Според македонците во Бугарија, никаков дополнителен договор меѓу двете земји нема да ги спречи во барањата за остварувањето на правата, за кои велат дека се обврска на официјална Софија.
„Тоа не се права кои треба да ни ги даде државата Македонија. Тие права треба да ни ги даде Бугарија бидејќи е потписничка на сите меѓународни документи за човекови права. Нема никаква врска со тоа дека Македонија ќе се откаже од нас или Не, тоа е наше право, ние да си ги бараме правата. Ќе дојде само до таму дека Бугарската влада ќе добие поттик уште повеќе да не ги почитува нашите права“, вели Иван Сингартијски, ОМО Илинден Пирин.






