Акцијата „Генералката во Кисела Вода“ продолжува со несмалено темпо, а денес фокусот е ставен на чистење на трим патеката, популарно место за рекреација на граѓаните. Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека локалната самоуправа прави сè што е во нејзина моќ за да одржува чиста и уредна средина.

„Хигиената во урбаните средини е основа за квалитетен живот. Грижата за чиста и здрава околина е заедничка одговорност, а ние како локална самоуправа ќе продолжиме со сите неопходни активности за да ја одржиме општината чиста“, нагласи Ѓорѓиевски.

Во рамки на акцијата, ангажираните екипи ги чистат улиците, тротоарите и јавните површини, користејќи ги и новите метларки набавени како одговор на барањата на граѓаните. Покрај рачно и машинско метење, се перат плочниците во парковите, се отстранува комунален отпад, а се интервенира и на несоодветно оставениот шут и кабаст отпад.

Ѓорѓиевски најави и нова акција за подигнување на кабаст отпад, која за првпат ќе се спроведува на тримесечно ниво, а деталите ќе бидат објавени утре.






