Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, оствари видео конференциска средба со заменик-претседателот на Владата на Украина, Олекси Кулеба, на која беше потпишан Протоколот за измена на Спогодбата меѓу Македонија и Украина за меѓународен патен превоз на патници и стока.

Оваа спогодба претставува значаен чекор во натамошното зајакнување на економската соработка меѓу двете земји, овозможувајќи либерализација на билатералниот транспорт и транзит на стока. Целта е да се намалат административните бариери во транспортот, што ќе придонесе за полесен и поефикасен проток на добра и патници.

Министерот Николоски ја потврди силната поддршка на Владата и македонскиот народ кон Украина, потенцирајќи ја подготвеноста за континуирана помош. Двајцата соговорници се согласија дека пријателството меѓу двете земји треба да се продлабочува и во иднина, со акцент на економската поврзаност и заедничката посветеност кон стабилноста и развојот.






