Министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на својата работна посета на Австралија, ја оствари првата билатерална средба на министерско ниво меѓу Македонија и Австралија по 15 години. Средбата се одржа со австралиската министерка за надворешни работи, Пени Вонг, и се совпадна со значајниот јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.

На средбата беа потврдени одличните билатерални односи, а Муцунски и Вонг разговараа за регионалната стабилност, глобалната безбедност и актуелните геополитички предизвици. Министерот Муцунски ја изрази својата благодарност за поддршката што австралиските власти ја даваат за зачувување на македонскиот идентитет, изучување на македонскиот јазик, како и за заложбите на македонската заедница во Австралија за промоција на македонската култура и традиција.

Двајцата министри се согласија за важноста на унапредувањето на билатералните односи и ја изразија заедничката подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог, како и за зајакнување на економската соработка меѓу Македонија и Австралија.







