Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со својот тим, денеска официјално го пушти во употреба новоизградениот спортско-рекреативен центар во населбата Градинар. Ова е првиот ваков објект во оваа населба, кој ќе им овозможи на граѓаните место за спорт, рекреација и дружење.

Спортско-рекреативниот комплекс се простира на 2.500 квадратни метри и содржи модерно детско игралиште, кошаркарско игралиште и терен за мал фудбал. Просторот е опремен со парковско зеленило, хортикултурно уредување и урбана опрема, а дополнително, утре ќе бидат засадени нови дрвја.
Во рамки на овој проект, реконструирана е и пристапната улица „Борис Трајковски 7“, со што се подобрува безбедноста и пристапноста за жителите на Градинар.

Градоначалникот Ѓорѓиевски потсети дека во последните три години во оваа населба се реализирани повеќе значајни инфраструктурни проекти, вклучувајќи ја и изградбата на фекалната канализациона мрежа, со што се реши долгогодишен проблем на жителите.

„Овој спортско-рекреативен центар е доказ дека рамномерниот развој на сите населби во општината е наш императив. Со денешниот проект, бројот на спортско-рекреативни центри се зголеми на 15, а на детски игралишта на 20. Остануваме посветени на подобрување на животот на граѓаните преку конкретни проекти“, истакна Ѓорѓиевски.

Општина Кисела Вода продолжува со инвестиции во спортската инфраструктура, како дел од стратегијата за создавање услови за активен и здрав живот на граѓаните.






