Во срцето на градот, во центар, ќе никне огромна висококатница. Имено, се планира да се изгради голема зграда со височина од 100 метри, односно приземје и 25 ката.
Таа зграда треба да се изгради на местото каде што сега се наоѓа Европски универзитет, чија локација е на улицата Свети Климент Охридски, во центарот на Скопје, и во близина на зградата на некогашниот симбол на новинарството во земјава, НИП Нова Македонија, каде што своевремено беа лоцирани сите весници во рамките на ова големо новинско-издавачко претпријатие. Па така, токму во споредба со НИП-от, овој нов објект кај Европски треба да биде повисок за 10 ката.
Од Општина Центар потврдиле дека постојниот Детален урбанистички план навистина предвидува ваква изградба, но навеле дека одобрение за градење сѐ уште не е издадено, па не знаат кој ќе биде инвеститор.
Како што пишуваше Слободен печат, според посочениот ДУП, изработен од Друштвото за планирање проектирање и инженеринг „Тајфа план“ од Скопје, станува збор за објекти со Б4 намена, односно за деловни објекти, а според јавно достапните информации од Агенцијата за катастар на недвижности, земјиштето со површина од околу 5000 метри квадратни е во приватна сопственост на фирмата „Евро принт“ ДОО од Скопје.







