Во рамките на работната посета на Австралија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, присуствуваше и се обрати на првиот натпревар од новата сезона на Престон Лајонс – еден од најуспешните македонски фудбалски клубови во Австралија. Овој клуб претставува значаен симбол на спортската традиција на македонската заедница и е пример за негување на културните врски со татковината преку спортот.
„Во црвено-жолта боја, од Мелбурн навивавме за тимот кој претставува гордост на македонската заедница, успешен спортски модел и симбол на спортскиот дух во Австралија,“ истакна министерот Муцунски во својата официјална објава на социјалните мрежи. Натпреварот го проследи заедно со истакнати македонски стопанственици, кои со својата поддршка придонесуваат за зачувување на македонскиот спортски и културен идентитет во дијаспората.
Посетата на Австралија е дел од пошироките напори на Владата за продлабочување на релациите со македонската заедница во странство, која има значајна улога во унапредувањето на билатералните врски и градењето на долгорочни партнерства. Во рамки на посетата, министерот Муцунски го посети и македонскиот манастир Св. Климент Охридски – најстариот македонски манастир во дијаспората, како и соборниот храм „Раѓањето на Пресвета Богородица“ во Мелбурн, нагласувајќи дека верските објекти и заедници во дијаспората претставуваат клучен столб за зачувување на македонскиот идентитет, јазик и традиција.
Дополнително, министерот Муцунски оствари средба со претставници на Македонското здружение за благосостојба на заедницата (MCWA) – која обезбедува индивидуализирана грижа за постари лица. Ова здружение, од организација посветена на потребите на македонската заедница, низ годините прерасна во една од водечките хуманитарни асоцијации во цела Австралија, која опслужува илјадници луѓе, а воедно дел од работните места ги отвора и во нашата земја.
Во разговорите беше потенцирана важноста на соработката со заедницата во дијаспората и поддршката на иницијативи кои придонесуваат за подобрување на благосостојбата на граѓаните со македонско потекло.







