Во рамките на официјалната посета на Вашингтон, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, учествуваше на Меѓупарламентарниот безбедносен форум, организиран од конгресмените Пит Сешнс и Роберт Адерхолт. На форумот, кој собра високи политички и безбедносни претставници, се дискутираше за идните предизвици и стабилноста на Западен Балкан и Европската Унија.

Дел од македонската делегација беа и министерот за здравство Арбен Таравари, потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски и градоначалникот на Тетово Билал Касами, кои заедно со Меџити дадоа свој придонес во дебатите за зајакнување на одбранбените институции и зголемување на ангажманот на земјите од регионот во НАТО.

Во своето обраќање, Меџити потенцираше дека поддршката од САД за одбранбениот сектор во Западен Балкан е од клучно значење, особено во контекст на кризата предизвикана од војната во Украина. Присуството на претседателката на Косово, Вјоса Османи, и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, дополнително го засили фокусот на регионалната и глобалната безбедност.
„Северна Македонија ќе продолжи да биде одговорен актер на меѓународната сцена, давајќи активен придонес за мирот и стабилноста. Наша цел е да останеме извор на регионален мир и да ја зајакнеме соработката со нашите партнери“, истакна Меџити.
Форумот во Вашингтон потврди дека Западен Балкан останува важен безбедносен приоритет, а Северна Македонија ќе продолжи да работи на унапредување на мултилатералната соработка и регионалната стабилност.







