Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најави продолжување на успешната иницијатива за наградување на младите спортски таленти со бесплатно летување. Оваа мерка е дел од стратегијата за поддршка на спортот и промовирање на здравиот начин на живот меѓу учениците.
„Спортот не само што го подобрува физичкото и менталното здравје на младите, туку создава и другарства, дисциплина и тимски дух. Со оваа награда, го вреднуваме нивниот труд и посветеност, но и дополнително ја поттикнуваме спортската култура во училиштата,“ истакна Ѓорѓиевски.

Победниците во Лигата на училишен спорт, која опфаќа натпревари во кошарка, фудбал, одбојка и ракомет во машка и женска конкуренција, ќе имаат можност бесплатно да летуваат во Извидничкиот Центар во Охрид.
Градоначалникот нагласи дека општината ќе продолжи со мерки што ќе овозможат уште поголема афирмација на спортот и развој на младите спортисти, уверувајќи дека најдоброто допрва доаѓа.







