Актуелни и поранешни членови на Комисијата за помилување се состанаа на работна средба, каде што дискутираа за досегашната примена на институтот на помилување и можностите за негово унапредување. Средбата ја иницираше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која истакна дека постојниот закон има недостатоци и дека е неопходна негова ревизија.

„Се согласивме дека е потребен нов закон за помилување, кој ќе ги земе предвид искуствата од примената на актуелниот закон и компаративните примери. Очекувам експертска и широка јавна дебата по ова прашање“, изјави Сиљановска-Давкова.
Средбата, која траеше четири часа, овозможи размена на искуства и ставови меѓу учесниците. Претседателката им се заблагодари на сите за нивниот конструктивен придонес и плодната дискусија.






