Наскоро започнува реконструкцијата на водоводната линија Битола – село Поешево – село Логоварди, проект од големо значење за жителите на овие населени места.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заедно со тимот од одделението за економски развој, денес одржа работна средба со раководството на ЈКП „Водовод“ и стручните лица од претпријатието, каде што се разгледа динамиката за реализација на проектот.

Проектот опфаќа реконструкција на водоводната линија во должина од 6 километри, вклучувајќи замена на старите азбестно-цементни цевки со нови полиетиленски HDPE цевки и куќни приклучоци. Вкупната вредност на проектот изнесува 29.349.605 денари, обезбедени преку Министерството за транспорт и врски и Владата на Република Македонија.

Директорот на ЈКП „Водовод“, Андреј Гинов, најави дека работите на терен ќе започнат веднаш по подобрувањето на временските услови, а почетната точка ќе биде улица „Бурса“ („Индустриски пат“).
„Со овој проект, значително ќе се подобри водоснабдувањето и ќе се решат долгогодишните проблеми на жителите во оваа област,“ изјави Коњановски, најавувајќи и други значајни проекти кои ќе се реализираат во соработка со ЈКП „Водовод“ во текот на годината.







