(29.01.2025) Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) започна имплементација на проект за усогласување на националното законодавство за квалитет на воздухот со европските регулативи. Проектот, кој започна во ноември 2024 година, е поддржан од ЕУ ИПА 2 Програмата со вкупен буџет од 1,5 милиони евра и ќе трае две години.
Преку оваа иницијатива ќе се транспонираат европските директиви (2008/50/EC, 2004/107/EC и 2016/2284/EC) во националното законодавство. Како резултат, ќе се подготви целосно нов закон за квалитет на амбиентен воздух, како и неколку подзаконски акти што ќе обезбедат усогласеност со барањата на ЕУ. Дополнително, ќе се изработат планови за имплементација на овие директиви, вклучувајќи и финансиски анализи за нивното спроведување.
Во рамките на проектот, ќе се подготват национални плански документи за заштита на амбиентниот воздух, кои ќе содржат конкретни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот во координација со надлежните институции. Исто така, ќе се работи на подобрување на националниот инвентар за емисии, како и на изработка и спроведување на план за мониторинг на тешки метали, полициклични ароматични јаглеводороди и испарливи органски соединенија.
Како дел од проектот, ќе се воспостават зони и агломерации за мониторинг на загадувачките супстанци, а истовремено ќе се зајакнат административните капацитети за спроведување на мерките. Ова ќе овозможи поефикасно управување со квалитетот на воздухот и негова подобра регулација во согласност со европските стандарди.
Министерство за животна средина и просторно планирање







