Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најави голем напредок во развојот на инфраструктурата во населбата Пинтија. За првпат, оваа населба ќе добие затворен спортски објект, што е од особена важност за младите и децата.

„Со оваа инвестиција вложуваме во физичкиот развој, спортскиот потенцијал и здравјето на нашите деца. Ова е важен чекор кон создавање на подобри услови за образованието и спортот во нашата општина“, изјави Ѓорѓиевски.
Спортската сала ќе има површина од околу 400м² и ќе биде сместена во рамките на ПОУ „Рајко Жинзифов“. Со години наставата по физичко образование се одвиваше во несоодветни услови, а овој проект ќе ги подобри условите за учениците.

Во моментот, во објектот се поставуваат панели и прозорци, а следната фаза вклучува инсталација на електрична енергија. Според планот, до крајот на февруари салата ќе биде целосно завршена и ќе биде на располагање за користење од страна на учениците.
„Рамномерниот развој на општината и изградбата на спортска инфраструктура се наш приоритет. Оваа сала е само дел од нашата визија за создавање подобри услови за образование и спорт, кои ќе овозможат здрав развој на младите“, додаде Ѓорѓиевски.
Проектот е дел од пошироката стратегија за подобрување на животниот стандард и унапредување на образовната инфраструктура во сите населби на општината. „Продолжуваме да работиме на создавање на модерни и функционални училишни простори, за да обезбедиме најдобри услови за нашите генерации“, истакна градоначалникот.






