Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, денес престојуваше во работна посета на Косово, заедно со заменик-министерката Калтрина Зеколи Шаќири и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.

Посетата се реализираше на покана на косовскиот министер за транспорт, Либурн Алиу, при што македонската делегација се запозна со неколку значајни инфраструктурни проекти што моментално се спроведуваат во Косово.

Во фокусот на разговорите беше подобрувањето на транспортната поврзаност меѓу Македонија и Косово, при што се разговараше за железничкото поврзување Скопје – Приштина, како и за можностите за изградба на патниот правец Тетово – Призрен.
Министерот Николоски потенцираше дека соработката со соседните земји е од клучно значење за економскиот развој на Македонија, нагласувајќи дека подобрата инфраструктурна поврзаност ќе донесе побрз транспорт, зголемена трговска размена и повеќе економски можности за граѓаните на двете држави.







