Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со колегата Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир, денес ја посетија Општина Шуто Оризари. Во рамките на посетата, се сретнаа со граѓаните, ги слушнаа нивните проблеми и дискутираа за приоритетните потреби.

Средбата вклучуваше разговор и со градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, како и претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ од оваа општина, Ерџан Демир. Презентирани беа тековните активности и проекти во општината, а Ѓорѓиевски даде потстрек за подготвување ефикасни проекти со цел користење на владините средства за инфраструктурни подобрувања.

„На Чаир и Шуто Оризари им е потребно ново поврзување за растеретување на сообраќајот, како и проширување на булеварот ‘Џон Кенеди’. Во Шуто Оризари, неопходен е нов културен центар и дополнителни вложувања во спортската инфраструктура,“ истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека луѓето од левата страна на Скопје секогаш ќе ја имаат неговата поддршка и посветеност за решавање на нивните проблеми.
„Скопје повторно ќе биде горд град,“ порача Ѓорѓиевски.






