Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска – Давкова, денес, на Меѓународниот ден на образованието, одаде признание на македонскиот одделенски наставник Иле Михајловски од ОУ „Свети Кирил и Методиј“ во Свети Николе. Михајловски е избран меѓу 50 финалисти од вкупно 5.000 номинирани наставници од 89 земји за престижната Глобална награда за наставници за 2025 година, што ја доделува фондацијата Варки од Лондон.

„Восхитена сум од неговата скромност, емпатија и хуманост, како и од тридецениската примена на иновативни и неконвенционални методи во образованието. Неговата борба за инклузија на ранливите деца и неговиот импакт се пример за сите нас,“ истакна Сиљановска – Давкова.

Таа му посака успех на претстојниот „Наставнички оскар“ и ја нагласи важноста од препознавање и поддршка на вакви исклучителни личности, кои го менуваат општеството на подобро.






