Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, објави дека е постигнат договор со Синдикатот за зголемување на платите на административните службеници. Почнувајќи од февруари, платите ќе бидат повисоки за 3.000 денари, а со предвиденото зголемување на минималната плата од страна на Владата, вкупното покачување од март ќе изнесува околу 5.000 денари.
„Оваа одлука е резултат на посветеност кон подобрување на условите за работа и мотивацијата на административните службеници, кои се клучен дел од функционирањето на локалната самоуправа“, изјави Ѓорѓиевски.
Според него, општината во последните три години бележи значаен напредок, кој е резултат на професионализмот и трудот на вработените. Ѓорѓиевски нагласи дека мотивираната администрација е основа за ефикасна услуга кон граѓаните и дека ова покачување е начин да се покаже дека нивниот труд е ценет.
Градоначалникот вети дека општината ќе продолжи да инвестира во луѓето кои го придвижуваат нејзиниот развој и успех.







