Државен здравствен и санитарен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор во болницата во Битола како би се утврди фактичката состојба во дневната болница по објавените морбидни фотографии на социјалните мрежи, побара денеска министерот за здравство Венко Филипче. На објавените фотографии на Фејсбук од лицето потпишано како Васко и потоа пренесени во дел од медиумите се гледа како пациент додека прима инфузија, на други болнички кревети до него лежат починати пациенти.
Врзано со ова д-р Билјана Гагачовска директор на Клиничката болница во Битола денеска инфорамира дека еден од пациентите кој бил во лоша здравствена состојба примал инфузија, а на другите два креветат за време на интервенција, пациентите починале.
-Тоа е оделение каде што доаѓаат пациенти со проблеми, суспектни, со температура, со други заболувања, бронхопневмонија. Кога починува пациент амбулантски, повторувам не се хоспитализирани, процедурата е дека два часа мора да отстои каде што починало во установата, во меѓувреме се известува семејството и оператор кој треба да го подигне телото. Доколку операторот не дојде да го подигне после тие два часа, пациентите се пренесуваат во болничката мртовечница, изјави за медиумите д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола.






