Денеска, на седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за кризи, под раководство на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, се дискутираше за унапредување на кризниот менаџмент. На настанот присуствуваа високи претставници од Владата, ЦУК, Дирекцијата за заштита и спасување, како и национални институции.

Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, ја истакна потребата од заедничка работа меѓу централната и локалната власт за изградба на ефикасен систем за справување со кризи. Како клучни приоритети, тој ги посочи реформите во противпожарната заштита, подобрување на инфраструктурата и создавање финансиски одржливи механизми за заштита и спасување.

Со обезбедување ново противпожарно возило, простор за противпожарна станица и мултифункционален багер за расчистување на речните корита, општина Кисела Вода покажа проактивност, но Ѓорѓиевски потенцира дека е неопходна поголема поддршка од централната власт за надминување на системските предизвици.
“Превенцијата е клучниот елемент за справување со кризи. Само преку заедничка посветеност ќе обезбедиме стабилност и безбедност на нашите граѓани,” истакна Ѓорѓиевски.







