Денес, православните христијани го одбележуваат Богојавление – Водици, празник кој симболизира духовно раѓање и почеток на животот во верата. Во Битола, градоначалникот Тони Коњановски присуствуваше на манифестацијата на положување на Светиот крст во осветените води на Соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“.

Во својата честитка до верниците, Коњановски изрази надеж за светла иднина:
„Денес ја продолжуваме нашата традиција со верба во вистинските вредности, поттикнати од соживотот, меѓусебното почитување и заложбите за заеднички напредок. Нека овој празник донесе здравје, љубов и среќа во секое семејство. Бог се јави!“

Најсреќен годинава беше 15-годишниот Иван Миовски, кој го извади Светиот крст од осветените води. Градоначалникот Коњановски најави дека ќе го награди Миовски со парична награда и икона од заштитникот на градот, Свети Нектариј Битолски, како признание за неговата храброст.
Манифестацијата беше исполнета со радост и духовно единство, потврдувајќи ја силата на традицијата и верата меѓу битолчани.







