Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, го продолжи чествувањето на празникот Богојавление – Водици во Струга, каде што присуствуваше на традиционалната церемонија на осветување на водите на реката Црн Дрим и положувањето на светиот крст. Церемонијата ја предводеше Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.

Претседателката ја истакна симболиката на овој празник, кој, според неа, ја одразува хармонијата меѓу божествената и човечката природа. Најсреќниот меѓу верниците, Томче Голабоски, кој успеа да го фати светиот крст, доби уметнички изработена резба како подарок од Сиљановска-Давкова, која му посака живот исполнет со здравје, радост и благосостојба.

„Осветените води нè повикуваат на духовно просветлување, потсетувајќи нè дека само преку вера и добрина можеме да постигнеме вистинска обнова на нашите срца, да се почитуваме и пристојно да живееме,“ порача претседателката.

Настанот, кој собра бројни верници, заврши во духот на заедништво и почит кон традицијата, славејќи го празникот како симбол на надеж и духовна сила.







