Заменик-министерот за економија, Маријан Ристески, денеска го посети маркетот ВЕРО во Тафталиџе, каде заедно со директорот Петар Денковски го следеше спроведувањето на кампањата „100 производи со замрзнати цени за следните шест месеци“.

Ристески ја поздрави оваа иницијатива на VERO marketi и нивната одлука да не ги покачуваат цените на производите од „Новогодишната кошница“. Тој нагласи дека ваквите мерки придонесуваат за стабилизирање на цените на основните производи, што е од голема корист за потрошувачите и граѓаните.
„Производителите и трговците имаат клучна улога во заштитата на економијата. Само со заеднички напори можеме да креираме реални решенија за заштита на стандардот на граѓаните,“ изјави Ристески.

Тој упати апел до сите производители, добавувачи и маркети да го следат овој позитивен пример и да покажат општествена одговорност, со што ќе придонесат за стабилизација на цените на основните производи, особено во периодот кога граѓаните најмногу се соочуваат со ценовни предизвици.
Кампањата „100 производи со замрзнати цени“ е дел од пошироките напори за поддршка на економската стабилност и заштита на животниот стандард на граѓаните.






