Мел Гибсон, Силвестер Сталоне и Џон Војт се назначени од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за „специјални амбасадори“ на Холивуд, со цел да ја направат филмската индустрија „посилна од кога било“, објави „Би-би-си“.
„Голема чест ми е да објавам дека Џон Војт, Мел Гибсон и Силвестер Сталоне ќе бидат специјални амбасадори во големиот, но многу проблематичен Холивуд, во Калифорнија“, напиша Трамп синоќа на својата социјална мрежа „Truth Social“.
„Тие ќе бидат мои специјални претставници да го вратат Холивуд, да биде голем, подобар и посилен од кога било, а кој во последните четири години загуби многу бизниси поради странска конкуренција“ – дополни Трамп.
Тројцата актери, добитници на 10 номинации за „Оскар“ и три „Оскари“, се издвоија во Холивуд со поддршката на републиканецот Трамп, за разлика од многумина нивни колеги кои традиционално ја подржуваат Демократската партија.
Републиканците традиционално не се популарни меѓу претставниците на шоу бизнисот во САД и многу ѕвезди како Тејлор Свифт и Џорџ Клуни, на претседателските избори во 2024 година ја поддржаа Камала Харис, кандидатка од Демократската партија.







