Сиљановска-Давкова: Нашите ракометари покажаа борбеност и дух на вистински шампиони
Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, упати честитки до македонската ракометна репрезентација поради значајното реми на отворањето на Светското првенство во ракомет.
„Горда сум, а верувам дека сте и вие, на нашите ракометари кои покажаа нескротлива борбеност и нескршлив дух. Светското првенство го започнавме како вистинска ракометна сила, докажувајќи дека сме рамноправен противник на најдобрите,“ истакна Сиљановска-Давкова.
Таа нагласи дека ракометарите уште еднаш потврдиле дека во спортот нема мали и големи држави, туку дека победничките адути се спортската стаменост, посветеноста, решителноста и храброста.
Претседателката упати благодарност до македонската публика која, со своето страстно навивање, на ракометарите им дала „вулканска енергија“ за постигнување на успехот.
„Верувам во нивната сила и им посакувам витешка игра во следните натпревари. Моите мисли и емоции се со нив,“ порача Сиљановска-Давкова, изразувајќи надеж дека тимот ќе продолжи со одлични резултати и понатаму.






