„Со толку раширена циркулација на вирусот, повеќе не помагаат ни маски во затворени простории. Не помага ни одржувањето растојание, концентрацијата на вируси во воздухот е преголема и доволна е за инфекција дури и преку маски“, предупредува на Фејсбук професорот по теоретска механика на битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“ Дејан Трајковски. Тој ги повикува здравствените власти веднаш да спроведат целосно затворање, за да се намали бројот на заразени од ковид-19.
„Не е исто дали во просторијата има еден или десет заразени, со десет пати повеќе заразени и концентрацијата на вируси е десет пати поголема. Зар мислат дека сите што се заразиле се заразиле само поради лично невнимание?
Секое влегување во јавна затворена просторија веќе претставува ризик по здравјето и животот, затоа бараме да нé заштитат со тоа што ќе ги соборат бројките преку итен тотален локдаун, макар краткотраен.
Самите повеќе не можеме да се заштитиме, колку и да сакаме“, порача професорот Дејан Трајковски.






