Кризната состојба на целата територија на Северна Македонија е во траење од 30 дена почнувајќи од денеска и за оваа одлука Владата ќе ги извести Собранието и претседателот на државата Пендаровски
СКОПЈЕ – Владата на вечерашната седница ја донесе очекувана одлука да се прогласи кризна состојба на територијата на целата држава во траење од 30 дена. Одлуката се носи заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест КОВИД-19 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем.
„Периодот за постоење на кризна состојба на територија на Северна Македонија е во траење од 30 дена, почнувајќи од 20 ноември 2020 година и за оваа Одлука Владата ќе го извести Претседателот на Република Северна Македонија и Собранието. Истовремено, Владата ќе му предложи на Претседателот на Република Северна Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици) во справување со кризната состојба“, стои во соопштението на Влада.






