Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека годината започнува со силен фокус на подобрување на условите за развој на најмладите жители.

„Инвестициите во најмладите се наша директна инвестиција во иднината. Со гордост можам да кажам дека продолжуваме да вложуваме во раниот детски развој, обезбедувајќи поквалитетни услови во градинките,“ истакна Ѓорѓиевски.
Тој информираше за неколку значајни проекти:
• Обезбедени се нови јаслени креветчиња, постелнини и јоргани за сите објекти на градинките.
• Набавени се нови материјали за работа, кои ќе го подобрат процесот на учење и игра кај децата.
• Кујните се обновени со современа опрема, вклучувајќи машини за перење и сушење, што ќе придонесе за подобра грижа за децата.
• Просториите се опремени со пречистувачи на воздух, како дел од заложбата за здраво опкружување и еколошки навики.

„Секое дете заслужува квалитетно предучилишно образование. Ова не е само наша обврска, туку и желба – да им обезбедиме на децата услови што ќе го поттикнат нивниот развој,“ додаде Ѓорѓиевски.
Градоначалникот увери дека посветеноста на Општина Кисела Вода кон унапредувањето на образованието и благосостојбата на најмладите останува врвен приоритет и во иднина.







