Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со својот тим, Хуманитарната организација „Свети Спас“ и отец Оливер, организираше хуманитарна акција со цел да се обезбеди достоен и радосен Божиќ за семејствата кои се соочуваат со животни предизвици.

„Најдобар начин да го славиме раѓањето на Христа нашиот Спасител е кога споделуваме со оние на кои најмногу им треба. Секое семејство заслужува богата трпеза и да знае дека не е само,“ порача Ѓорѓиевски, истакнувајќи ја важноста на солидарноста и човечноста како основни вредности на христијанската вера и традиција.

Тој нагласи дека иако денес делувал како градоначалник, неговата мисија била пред сè човечка: „Додека сум јас тука, ќе го давам максимумот од себе никој да не се почувствува сам.“
Во рамките на акцијата, многу семејства добија помош и поддршка, а Ѓорѓиевски порача дека ова е само почеток на заложбите за подобрување на условите за сите граѓани. „Ова е капка во океанот од нашата мисија – да создадеме општество без луѓе кои ќе имаат потреба од помош, туку нормални услови за живот за сите.“
На крајот, Ѓорѓиевски ги повика граѓаните да се натпреваруваат во правењето добри дела и да ја слават Божиќната радост преку солидарност и љубов: „Да бидеме луѓе помеѓу луѓето. Слава на Бога во висините, на земјата мир, а меѓу луѓето добра волја.“






