Битола повторно го слави Бадник со големата Бадникова поворка, а во центарот на подготовките оваа година е градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски. Со несебична посветеност, Коњановски лично се вклучи во изработката на над 2000 Божиќни ѕвезди во работилницата, заедно со организаторите и најмладите жители на градот.

Овие светлечки симболи ќе го осветлуваат патот на Бадникарчињата на 6 јануари, кога точно на пладне, од Плоштадот Магнолија по Широк Сокак, ќе започне годинешната поворка. Секоја ѕвезда ја симболизира Божиќната ноќ, кога светот го пречекува Христовото раѓање, а учеството на децата во оваа традиција е најубавото навестување на празникот.

„Со задоволство се приклучив на подготовките за Бадниковата поворка, бидејќи ова е празник кој ја обединува целата заедница и ја слави традицијата на нашиот град,“ изјави Коњановски.
Организацискиот тим ја одржа и последната проба, со цел настанот да се реализира беспрекорно. Со поддршката на општината и посветеноста на учесниците, Битола се подготвува за уште едно празнување кое ќе ја зачува и пренесе убавината на македонските традиции.






