Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, ја започна 2025 година со традиционална посета на првите новороденчиња во градот. Во Клиничката болница, првороденото бебе е девојче, додека во болницата „Плодност“ првото новороденче е момче.

Првото бебе во Клиничката болница, мала Миа, е родено 50 минути по полноќ, со тежина од 3 килограми и 120 грама и должина од 50 сантиметри. Д-р Бети Чипуровска изрази задоволство од успешната новогодишна ноќ и упати порака до младите да создаваат семејства и да останат во Битола.

Во болницата „Плодност“, седум минути по полноќ се роди машко бебе, а подоцна во ноќта и едно женско бебе.
„Искрени честитки до родителите на новороденчињата. Да имаме што повеќе дечиња, а младите да останат тука, да ја градат својата иднина во Битола. Нека ни е Среќна Новата година,“ изјави градоначалникот Коњановски, кој традиционално подари подароци на новороденчињата.
Со оваа симболична посета, Коњановски ја започна годината со порака за надеж, раст и бериќет за општината.






