Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најави дека до крајот на мај општината ќе добие современ затворен пливачки базен, сместен во ООУ „Невена Георгиева Дуња“.

„Со големо задоволство, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, извршивме увид во возобновените активности за изградба на базенот. Овој проект е симбол на разликата меѓу неефикасната соработка во минатото и она што го постигнуваме денес со јасна визија и тимска работа,“ истакна Ѓорѓиевски.

Базенот, чија изградба ќе заврши до крајот на февруари, ќе биде изграден според сите современи стандарди и ќе служи за потребите на учениците, спортистите и граѓаните на општината. Ѓорѓиевски потенцираше дека пливањето, како еден од најкомплексните спортови, има огромно значење за здравјето и развојот на младите.
„Со оваа инвестиција не само што создаваме услови за развој на спортски таленти, туку овозможуваме и простор за рекреација и здрав живот за сите жители,“ додаде тој.
Во изминатите три години, Општина Кисела Вода изгради и обнови девет спортско-рекреативни центри, а со реконструкцијата на салата „Расадник“, посветеноста за унапредување на спортската инфраструктура продолжува.
„Ова е доказ дека со заедничка работа на институциите, резултатите се видливи и значајни за граѓаните. Нашиот народ заслужува најдоброто,“ заклучи Ѓорѓиевски.







