Петар Денковски, генералниот директор на синџирот маркети на „Веро“, смета дека цените на основните прехранбени производи се намалени во текот на изминатата недела.
– Голема поддршка дадовме на акцијата на Владата. Освен таа поддршка, изминатата недела направивме дополнителна акција на 60 нови производи. Зголемувањето на цените не ни одговара ниту на нас, ниту на потрошувачите, така што продолжуваме со континуирано намалување на цените, рече Денковски како одговор на новинарско прашање за време на настан.
Министерството за економија во текот на изминатите денови најави поголема активност на пазарните инспектори во голем број маркетови и при тоа открија значително зголемување на цените кај основните прехранбени производи кои не се опфатени со т.н. новогодишната кошничка.
Заменик министерот за економија, Марјан Ристески нагласи дека доколку трговците не ги намалат цените на овие производи до крајот на неделата, ќе бидат принудени да ги преземат дополнителните мерки и одлуки, вклучувајќи и налагање казни.
Во текот на инспекциите, инспекторите открија неусогласености во цените на некои основни производи, кои значително ги надминуваат предвидените граници за зголемување.И премиерот Христијан Мицкоски на прашање кои се последните сознанија и каква е сега состојбата, одговори дека најголемиот дел од трговците ги враќаат цените на производите, на она ниво коешто беа пред да добијат покачување.







