Вработените во Јавното комунално претпријатие „Тетово“ конечно ги добија платите што им доцнеа за четири месеци – август, септември, октомври и ноември. Исплатата е овозможена благодарение на одлуката на Советот на Општина Тетово, кој на седница одржана на 11 декември, одобри покривање на загубите на претпријатието со износ од 60 милиони денари (приближно 970.000 евра). Со оваа сума, покрај заостанатите плати, ќе бидат покриени и долговите за здравствено и пензиско осигурување на вработените.
„После повеќе од три години, од 2021 година наваму, конечно добивме редовна исплата. Ова е првпат да имаме редовна плата за ноември,“ изјави Мирослав Симоски, раководител на секторот за православните гробишта.
Проблемите со доцнењето на платите го следеа претпријатието веќе три години, а вработените неколкупати организираа прекини на работата барајќи исплата на заостанатите средства и придонеси. Недостигот од здравствено осигурување беше особено тежок, бидејќи вработените сами ги подмируваа трошоците за лекови и медицински услуги поради честите повреди на работното место.
За да се надмине финансиската криза и големиот долг, на почетокот на годината „Тетово“ беше преструктурирано. Новоформираното претпријатие „Шари“ ги презеде водоводот и канализацијата, додека управувањето со отпадот беше доверено на словенечката компанија „Саубмахер“ преку приватно-јавно партнерство. Претпријатието „Тетово“ задржа сектори како што се Јавна чистота, Зелен пазар, Православните гробишта и Паркови и зеленило.






