Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, продолжува со инвестиции во образованието, овој пат со реконструкција на 11 училници во основното училиште „Кузман Шапкарев“ во населбата Драчево. Со санација вредна 1.250.000 денари, која е финансирана од буџетот на општината, ќе се подобрат условите за учење за 643 ученици од прво до деветто одделение.

Работите опфаќаат реновирање на подови на површина од 360 квадратни метри, а со завршувањето на планираните активности училиштето ќе добие значително подобрени просторни и функционални капацитети.
„Со оваа санација, заедно со веќе завршената доградба на две нови училници и планираната доградба на уште три, создаваме услови учениците од ООУ „Кузман Шапкарев“ да посетуваат настава само во една смена,“ истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Едносменската настава, како што нагласи тој, носи бројни предности – повеќе време за воннаставни активности, спорт, дружење и семејство. Оваа иницијатива, која наскоро ќе биде реализирана во сите основни училишта на територијата на Општина Кисела Вода, е дел од заложбите за создавање подобри услови за образование и квалитетно учење.
Ѓорѓиевски продолжува да го поставува образованието како приоритет, правејќи вистински чекори кон иднината на учениците во општината.






